Илијев: Кочани да биде урбан културен центар!


Прес-конференција на кандидатот за градоначалник на Општина Кочани од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Николчо Илијев
29.9.2021 г.


Почитувани сограѓани,

Изминативе четири години инвестиравме во подобрување на културниот амбиент во Кочани. Дадовме сериозна и силна поддршка за оформување на автентичен урбан културен живот.

Ја подобривме постојната културна инфраструктура која, свесно или несвесно, забрзано се уништуваше. Реализираните инфраструктурни проекти денес се одлична слика за културниот прогрес во Кочани. Го реконструиравме Центарот за култура „Бели мугри“ однадвор, внатрешната реконструкција е во тек. Во тек е и реконструкцијата на Паркот, што ќе придонесе овој објект да биде функционална целина и нова сцена. Целосно е обновен Мултикултурниот центар. Во завршна фаза е реконструкцијата на Библиотеката „Искра“.

За четири години во културните капацитети вложивме околу 50 милиони денари. Толку пари културата не добила во последните 30 години.
Успеавме да поттикнеме ангажиран културен активизам и да реализираме дејства што го спречуваат уништувањето на вистинските културни вредности. Обезбедивме ново полуконцертно пијано – децениска потреба на културните, образовните институции и на уметниците. Благодарејќи на нашата безрезервна поддршка и во време на пандемија, Драмскиот аматерски фестивал – симболот на театарскиот живот во Кочани, го задржа континуитетот. Го заживеавме Споменикот на Слободата – како совршена локација за културни настани. Сивилото на големите ѕидови го покриваме со мурали…

Културата и уметноста остануваат наш врвен приоритет. Ни претстојат конкретни чекори и дела за нови културни реконструкции и адаптации на објекти и за современа културна понуда достапна за секој граѓанин од општината и пошироко. Наша задача е културните капацитети, подновени и освежени квалититативно да ја умножат понудата. Да оформиме Совет за култура – тело кое никогаш нема да дозволи културата да биде „под разно“. Културата нека ја водат културните работници!

Наша долгорочна цел е Кочани да влезе во картите на урбаниот културен туризам од целата држава. Затоа што инвестирањето во културата, секаде па и овде, е секогаш најисплатливо, на подолг рок!
Затоа – продолжуваме со силно темпо и понатаму!
Граѓаните на Кочани го заслужуваат најдоброто!

Николчо Илијев,

Кандидат за градоначалник од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“

Сподели: