Илијев: Кочани добива урбан лик – инфраструктурните проекти се слика на нашето посветено и одговорно работење

Прес-конференција на кандидатот за градоначалник на Општина Кочани од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Николчо Илијев
28.9.2021 г.

Почитувани сограѓани,

На почетокот на кампањата, дозволете ми да изразам благодарност за вашата безрезервна поддршка во работењето како градоначалник, што беше најсилниот мотив заеднички да продолжиме и понатаму, со исто темпо, со огромна љубов и посветеност, чесно и одговорно – Кочани да биде пристојно место за живеење на сите!

Она што го сработивме во изминативе четири години е јасно видливо дури и за тие што не сакаат да го видат. Градевме и во градот и во населените места, поддржувајќи рамномерен локален развој – водени од мотивот за решавање на проблемите на граѓаните, без оглед на нивната националност, вера, пол, возраст…  Граѓаните знаат каде, како и на што се трошат нивните пари.

Решавањето на инфраструктурните проекти е еден од најгорливите проблеми и приоритетна потреба за граѓаните.
Токму инфраструктурните проекти се слика за подобрувањата што ги доби Кочани изминативе години, а класичен пример за тоа е улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“, каде градиме нова коловозна лента и обезбедуваме булеварско сообраќајно решение. Ова е проект во кој сите се добитници: градот добива урбан лик; сопствениците на отстранетите објекти добија реална исплата за имотот; граѓаните добиваат функционални јавни површини.
Така се работи одговорно, посветено и чесно на секој инфраструктурен проект.

За четири години изградивме и реконструиравме повеќе од 60 улици и патишта, изградивме 12 000 м2 тротоари, асфалтиравме повеќе од 50 километри патна мрежа, вложивме повеќе од 9 милиони евра! Сите преостанати се предвидени за реализација во наредниот мандат.

Тоа му треба на Кочани, тоа го препознаа сите добронамерници на нашата општина –  затоа продолжуваме со такво темпо и понатаму.
Кочани го заслужува најдоброто!

Ви благодарам!
Николчо Илијев,

Кандидат за градоначалник
од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“

Сподели: