Инспекторите на продолжен викенд, оџакот на „Пејпер Мил“ работи за нив

За време на продолжениот празничен викенд државните мерни станици повторно регистрираат загадување на амбиенталниот воздух во Кочани.

Граѓаните  пак, на социјалните мрежи реагираат дека воздухот во близина на фабриката е загаден и  со карактеристичен мирис кој го отежнува дишењето и гуши.

Загадувањето најчесто е интензивно во доцните вечерни и раните утрински часови, но судејки според фотографиите и реакциите на граѓаните ситуацијата не е поразлична ни преку ден.

И додека  инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина „тераат“ продолжен викенд, инспекторот за заштита на животна средина од локалната самоуправа е прогласен за ненадлежен, на жителите на Кочани не им преостанува ништо друго освен да го дишат загадениот воздух  и да чекаат некој да се сети и  вистински  да реагира за решавање на проблемот.

Очигледно „Пејпер Мил“ е имун на неколкуте граѓански протести, реакции на граѓански здруженија па дури и на изјавите на загриженост на локалните и централни власти.

За жал, ако пред грејната сезона се достигнува пикот на аерозагадувањето во Кочани, тогаш можеме само да замислиме каков воздух ќе дишеме во текот на зимата што следи.

И.Матеничарски

Сподели: