Инцидент во Трајаново Трло – со секири и тврди предмети нападнати жители на населбата

Трагите од крв сведочат за инцидентот што се случил вчеравечер за време на полицискиот час, во населбата Трајаново Трло во Кочани.

Жителите на населбата затекнале малолетник кој влегол во двор од семејна куќа во обид да изврши кражба и го задржале, по што дошла група повозрасни лица за да го одбрани и настанал инцидент.

Инцидентот е случил  нешто по 20 ч. кога поголема група на луѓе во одбрана на малолетниот крадец најпрвин нападнале жител на населбата. Бегајки од насилниците нападнатиот успеал да се засолни во дворот на соседот, а на помош пристигнале  и други жители кои исто така со тврди предмети биле нападнати и повредени .

  • Пресметката се случи  околу 20:30 ч. Поголема група на луѓе пристигнаа со комбиња и автомобили, со палки и секири го нападнаа нашиот сосед. Целиот беше во крв. Неговата сопруга дојде по него, и ставија секира на вратот.  Нападнати беа и други соседи кои притрчаа да помогнат. Сите сме уплашени и загрижени за нашата безбедност, истакна жителка на населбата Трајаново Трло.

Физичката пресметка не била единствена во текот на вечерта. Претходно група на насилници влегле во дом на жител на Трајаново Трло и со тврд предмет му нанеле повреди по телото.

  • Стравуваме за нашата безбедност. Изреволтирани сме од полицијата. Тие треба да не заштитат нас, а не крадците и насилниците. Неколку соседи се повредени и нападнати и сето тоа за време на полицискиот час, истакна жителка на Трајаново Трло.

Од Секторот за внатрешни работи Штип (СВР-Штип) за инцидентот соопштија  дека со подетални информации ќе излезат во текот на денот.

Од Општата болница со проширена дејност – Кочани за интернет порталот „Гласно“ информираа дека во текот на вечерта во болницата се примени три лица на кои им е укажана лекарска помош и се пуштени на домашно лекување. Од нив две се здобиле со набиеници на главата, додека едно лице со исекотини.

Пред еден месец, жителите на Трајаново Трло протестираа и го искажаа својот револт поради зголемениот број на кражби во населбата, при што побараа од надлежните да преземат мерки во спречување и откривање на сторителите.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: