Синоќа во Кочани на 71 годишна возраст почина Киро Герасимов, новинар, поет, публицист и преведувач.
Герасимов е роден 1951 година во Кочани. Завршил Филолошки факултет во Скопје, книжевност со македонски. Во својата богата кариера работеше како новинар – уредник во Македонската радио телевизија, своевремено како професор по македонски јазик и директор на Домот на културата „Бели Мугри“, а се до пензионирањето професионално се занимаваше со новинарство.
Беше автор на шеесетина книги поезија, проза како и книги од областа на историографијата, археологијата, театарот, музиката и спортот. Неговата поезија е преведена на повеќе јазици, а собираше и народни умотворби од Источна Македонија.
Автор е на десетина сценарија за телевизиски и радио емисии за потребите на Македонската радио телевизија. Зад себе како новинар – хроничар остави стотина репортажи и документарни емисии и илјадници новинарски прилози.
Добитник е на годишната награда за новинарство на МРТВ, на Седмосептемвриската награда на град Кочани и на голем број други награди за поезија и проза.
Неговата последна книга „Зборува Радио Кочани“ беше промовирана на 16 март годинава.
Посмртните останки ќе бидат погребани в четврток, на 19 мај 2022 година, на Градските гробишта во Кочани.
Вечна слава!
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов