На мини свеченост извидниците од Извидничкиот одред „Ластовица“ – Кочани го одбележа 22 Февруари, Светски ден на извидниците.
Годинашново одбележување на денот на извидниците се изведе во скратена форма поради пандемијата со КОВИД -19, за разлика од претходните години кога се организираа помасовни активности.
Во рамки на одбележувањето беше презентирана техничко-материјалната опрема што Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) ја додели на трајно користење на ИО „Ластовица“. Опремата се состои од сетови со прва помош, рачен прибор, носилка, ориентациони средства како и друг вид опрема.
– Поради ситуацијата со пандемијата со Ковид-19 , Светскиот ден на извидниците го одбележуваме со скратен број на извидници и редуцирани активности. Годинашново чествување го одбележа донацијата од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, која со одлука на Владата ни отстапи техничко-материјални средства на трајно владение за што изразуваме благодарност. Опремата ќе ја користиме во нашите секојдневни активности со надеж дека што побрзо ќе започнеме да ги изведуваме во природа, истакна Жаклина Стојчева Јорданова, претседател на ИО „Ластовица“ – Кочани.
Јорданова додаде дека бројот на членови во извидничкиот одред постојано расте. Во него членуваат повеќе од 100 извидници од најразчилни возрасти, поделени како развигорци, извидници, ровери, истражувачи и старешини.
„Одредот е место каде членовите добиваат неформално образование, но се оспособуваат и усовршуваат многу психомоторни вештини, потенцираше Стојчева Јорданова.
ИО „Ластовица“ – Кочани е рамноправен член на Сојузот на извидници на Македонија каде членуваат 25 извиднички одреди со над 4000 членови.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов