Пред неколку дена заврши летниот извиднички камп во Охрид, кој претставува главна активност за сите извидници во државата. Кампот се одржа во периодот од 18 до 24 јули во Извидничкиот центар во Охрид.
На него учествуваа околу 200 извидници од Скопје, Куманово, Штип, Прилеп, Кавадарци и други градови, а имаше и претставници на извидниците од Франција и Белгија. Кочанската извидничка екипа броеше 26 членови од кои 22 извидници, 1 водич и 3 старешини. Кампот беше тематски осмислен како патување низ сите континенти, па така секој ден извидниците имаа активности карактеристични за некој континент. Исто така, во четвртокот на 21 јули во Античкиот театар во Охрид извидниците дадоа и свечен извиднички завет.
Само неколку дена пред да заминат за Охрид, извидниците од Кочани ја примија плакетата за најдобри во областа на младински активизам што регионалниот актив на новинари „Исток“ ја организира под наслов „Најдоброто од истокот“.
Од меѓународните активности би го издвоиле учеството во проектот „Со песна против корона“ организиран од Извидничкиот одред „Свети Сава“ од Белград на кој извидниците од Кочани беа единствени претставници од Македонија.
Да не заборавиме дека извидниците беа и организатори и на проектот „Пешачењето е здравје“ во соработка со Општина Кочани, зедоа активно учество при посетата на Илина Арсова во Кочани и многу други активности.
Во наредниот период се планира дводневен камп на Осоговските Планини и неколку еколошки акции.
ИО „Ластовица“