„Итната медицинска помош треба да биде во служба на граѓаните“ – сведоштво на Зоран Ристовски за инцидентот на Брзата помош во Кочани

„Итната медицинска помош треба да биде во служба на граѓаните, а не за нејзина интервенција да треба да се фаќаат врски со познаници“, вака пред камерата на „Гласно“  го започна сведоштвото Зоран Ристовски, чиј тешко болен татко кој во меѓувреме починал, не добил навремена помош од екипата на Службата за итна медицинска помош при Општата болница во Кочани.

Ристовски сведочеше дека поради лошата здравствена ситуација на својот неподвижен татко, во неделата кога матичниот лекар не работел и немал каде да се обрати, побарал помош на дежурниот број на ИМП 194, но помошта стигнала по два дена, дури во вторникот, по претходни ургенции во болницата.

– Порди влошената здравствена состојба на мојот татко кој живее во Мојанци, во неделата околу 8 ч. повикавме Итна медицинска помош на дежурниот телефонски број 194. Цел ден и цела ноќ чекавме да дојдат докторите од Брза помош и да го прегледаат мојот татко кој беше во тешка состојба, неподвижен и народски кажано „испушташе душа“. Бидејки не бев во можност да го транспортирам до болницата, чекав на милост на докторите да дојдат и да го прегледаат или евентуално транспортираат во болница. Откако не дојдоа во понеделникот околу 16 ч. дојдов во Службата за итна помош лично да побрам помош за мојот татко, ни кажа Зоран.

Ристовски обвинува дека во Службата за итна помош во болницата бил пречекан со вулгарни зборови од страна на дежурната докторка со образложение дека треба да се обрати кај матичниот лекар, а не на брза помош.

„Сите тие вулгарности и посочувањето дека помош треба да барам кај матичната лекарка почнав да ги снимам со мобилниот телфон кога во еден момент докторката го турна телефонот на земја и истата повика полиција. Го снимав разговорот само да има доказ доколку му се случи нешто на татко ми да знам каде да барам одговорни. Не предизвикав никаков инцидент освен што снимав, ова е јавна установа на сите граѓани и во служба на нив. Кога полицијата пристигна по пријавата за агресивно однесување во записникот е наведено дека сум скршил стакло од маса, но тоа не го сторив, туку докторката, откако излегов од просторијата слушнав дека силно удри по масата и најверојатно таа го скрши стаклото, рече видно вознемирен Ристовски.

Брзата помош сепак интервенирала во вторникот во домот на семејството Ристовски.  За жал, поради лошата здравствена состојба 82-годишниот старец починал во средата.

Во врска со инцидентот побаравме одговор од Општата болница со проширена дејност – Кочани. По неколкуте неуспешни обиди телефонски да стапиме во контакт со надлежните во болницата, подоцна во кратка смс-комуникација со директорот на болницата, Д-р Александар Серафимов бевме информирани дека „Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи и надлежните истражни органи ќе дадат објаснување за истиот“.

Инцидентите на Службата за итна медицинска помош во Кочани се речиси секојдневие. Притисокот кој лекарите го имаат таму од напливот на пациенти кои не секогаш се итни и приоритетни создава дополнителни проблеми.

Во моментот, според извори од болницата на Брза помош работат само четворица лекари и исто толку медицински сестри што  е далеку од потребниот број на персонал за територијата која ја покрива итната служба.

Бројот на медицински персонал на ИМП  е намален бидејки дел од вработените се на боледување, прераспределени на други работни позиции или испратени на специјализација. Недостатокот на персонал создава ситуација кога лекарите не секогаш можат да интервенираат навремено, а последиците на своја кожа најмногу ги чуствуваат пациентите.

Целосна видео изјава од Зоран Ристовски со клик ОВДЕ.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: