Поради драстичното зголемување на бројот на позитивни на коронавирусот во последните неколку дена, Општинскиот кризен штаб на Кочани денеска одржа итна седница со главен заклучок да се засили јавната кампања за строго почитување на мерките за лична и колективна здравствена заштита.
Од надлежните институции се бара да ги интензивираат контролите на терен и кон прекршителите, без разлика дали се поединци, угостителски објекти, производни компании или други субјекти, да се изрекуваат законски санкции.
– Иако нема место за паника, сепак состојбата е сериозна бидејќи во изминатите денови бројот на евидентирани позитивни во Кочани постојано е двоцифрен. Во моментот има 102 активни случаи, од кои 91 случај е на домашно лекување, а 11 на болничко. Вкупно оздравени досега се 145 пациенти, но изутринава добивме информација дека починало уште едно лице, со што од почетокот на кризата досега се вкупно петмина. Апелираме до семејствата кај кои има евидентирано позитивен член, комплетно да остануваат во домашна изолација, а во соработка со општинскиот Црвен крст ќе се активира помошта во обезбедување на неопходните продукти и лекарства, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој раководи со Општинскиот кризен штаб.
За шест месеци се евидентирани 117 кривични дела за што се поднесени 67 пријави за непостапување според здравствените прописи, а на 711 граѓани им се доставени прекршочни платни налози за непочитување на уредбите за носење заштитна опрема. Како една од можните причини за брзиот пораст на бројот на позитивни е што се организирале приватни прослави со помасовно присутство, без почитување на мерките за заштита.
Општинскиот кризен штаб донесе заклучок да се откаже организирањето на традиционалниот кочански панаѓур, а беше побарано да се почитува одлуката за организирање на градскиот пазар со обезбедување безбедно растојание меѓу тезгите.