Како се справувавме со пандемијата од еден друг агол

И покрај намалениот интерес за нашата професија од една страна и заминувањето на медицинскиот персонал пред кризата, ние, како репрезенти на ,,белиот мантил” на Првата линија, во Ковид центрите и на Вакциналните пунктови, се соочивме со еден страшен предизвик, досега невиден…но сепак се во согласност со нашите можности, како од опрема, така до обуки дадовме максимално СЕ што е до нас да одговориме согласно протоколите и медицинската етика.

Сите знаеме дека со години наназад се соочуваме со намален број на медицински сестри и техничари. Во овој период кога сме навистина многу потребни во што поголем број и тоа како се чувствува потребата од персонал од нашата бранша. Секако тука е и незаинтересираноста за изучување на насоката медицинска сестра-техничар, со што се прави реперкусија во менаџирањето на здравствениот систем кој и онака последниве години не е на она задоволително ниво.

Идните генерации на дипломирани медицински техничари, оние кои треба да бидат основата и на Итните медицински помоши, на одделенијата за реанимација, раководители на оддели …сите тие сега бегаат и ќе бегаат во странство а причината се слабите менаџери, кои дел не го препознаваат учениот дел на оваа професија а дел не сакаат, намерно или ненамерно да го препознаат…така, и оние малку што се заинтересирани да го поделат знаењето со своите колеги и да допринесуваат во матичните институции веќе размислуваат да помине пандемијата, и да заминат од земјата. Сите овие напластени и акумулирани состојби на вештачка слаба алка ќе остават трајни последици во здравствениот систем, и неминовно негов колапс. Работата во една ваква пандемија бара исклучителни и посветени професионалци, професионалци во својата област и вљубеници во медицината, се со цел да се помогне на луѓето, но пак ќе повторам огромен дел како бројка веќе размислуваат за заминување во земјите каде сестринството се вреднува, секако и финансиски освен морално, за разлика од овде.(овде не знам искрено што се вреднува?!)

Лично сметам дека за разлика од минатите години, сестринството има огромна стагнација, големо уназадување наместо квантен скок како што е прикажано по портали, телевизии и истото ќе го поткрепам со неколку обични факти…како немање обуки, не е организиран најобичен семинар, или семинари, ги нема оние секции кои работеа и функционираа во вид на предавања и практични обуки во повеќе градови и имаше едно интерактивно учење, потсетување и надополнување. Имаме многу нововработени кои најобична обука немаат поминато, за какво здравство говориме тука? Иако е Светска недела на сестринството, јас и порано имам давано, и сугестии и предлози кои за жал не се прифатени, како што не ја знам ниту причината зошто не се прифатени.Нејсе, можеби има и сега кој да ја води целата криза, како од делот на сестринството, така и од лекарската фела, но начинот, и резултатите ги гледаме сите.Ќе треба многу многу да се потрудиме ако сакаме барем мал дел да фатиме чекор со нивото на европските земји, како и да постигнеме задржување на медицинските работници тука.

Ќе ни биде голема потребата од здравствените работници, дел кои прегореа на Првата линија со Ковидот, дел по редовните одделенија, а уште многу ќе треба да се работи на мотивирање и создавање на подобри услови за работа. Јас на сите колеги и колешки Ви ја честитам Светската недела на сестринството, но сакам воедно и да ги замислам сите, од синдикати, здруженија, комори, да не речам волни да помогнат само декларативно, еве им шанса да помогнат во Признавање на дипломите на СИТЕ кои имаат завршено Висока школа за медицински техничари и сестри, Специјализации, за нивно решавање, признавање и интегрирање во здравствениот систем а не селективно решавање, на база на протекционизам и блискост со менаџерите со соодветните институции! Ако ова е некаква награда за справување со пандемијата, тогаш е мала, но сепак е воедно и одредено признание за заслугите и храброста на СИТЕ кои се одважија да заминат на Првата линија, да не се жалат и да помагаат…

Како и секогаш и во оваа криза имаше селективност, но за тоа понатаму во некои идни времиња, засега приоритет на системот кој е пред паѓање, а опстана само и само, од сестрите и лекарите кои беа на нивото на задачите и кои останаа професионалци до крај. Честитки!!

Гоце Марков-Дипломиран здравствен работник;Спец. по Семејна и Патронажна медицина

Сподели: