Кампања „Скрои го сопствениот успех“

Здружението Национален ромски центар во партнерство со текстилната компанија MK Делтекс од Кочани, со поддршка на We Effect, имплементираат кампања за подобрување на имиџот на текстилната индустрија, како добро и безбедно работно место.

Активностите на кампањата „Скрои го сопствениот успех“ се насочени да ги подобрат перцепциите и имиџот на текстилната индустрија како добра работна средина, со што ќе ги мотивира невработените лица особено Ромите да бараат вработување.

Со слоганот „Скрои го сопствениот успех“, НРЦ и компанијата Делтекс ќе ги мотивираат младите Роми и жените Ромки да се вработат во текстилната индустрија, да размислуваат за долгорочна животна визија со личен професионален и кариерен напредок во текстилната и модната индустрија и да ги охрабрат, преку својата работа, активно да придонесуваат кон подобрување на животните услови на нивното семејство и на локалната заедница.

„Поради системски проблеми, како што се нискиот степен на образование и непоседувањето високи работни квалификации, добар дел од ромската популација на Кочани, пред сé жените, бараат работа во текстилната индустрија во градот. Од друга страна, ниската плата и неможноста за кариерен напредок се наведуваат како клучни фактори во одлуката на многу млади Роми и жени Ромки да не ја гледаат својата иднина во текстилната индустрија, дури и во самиот град Кочани. Затоа, спроведуваме кампања за подигнување на имиџот на текстилната индустрија како достоинствено место за работа за младите Роми и жените Ромки, кое им овозможува стабилна иднина и кариерен напредок“, велат од Националниот ромски центар.

Текстилната индустрија е една од најзначајните стопанска гранки во Република Северна Македонија, во која работаат околу 35.000 работници. Оваа индустрија учествува со околу 13% од вкупниот бруто домашен производ на државата и поради нејзината извозна ориентираност, учествува со околу 27% во вкупниот македонски извоз. Најголем број од вработените во текстилната индустрија се од женски пол (85 % од вработените во производството на облека, 58% од вработените во производството на текстил). Статистичките податоци кажуваат дека околу 7% од вкупното население во Кочани е од ромската заедница.

„Текстилната индустрија е еден од најголемите работодавци во нашата општина каде нема многу можности и голем избор за вработување. Ние нудиме стабилна работа со редовна плата, пензиско и здравствено осигурување, кои значат поголема животна сигурност за себе и своето семејство. Задржувањето на работното место отвара можности за стекнување искуство и тесна специјализација за извршувањето на задачите што е можност за напредок во самата организација и за позиционирање како поквалификуван“, велат од Мк Делтекс од Кочани.

Кампањата под слоганот „Скрои го сопствениот успех“ е дел од проектот „Организациски развој на НРЦ и подобрени способности за вработување и претприемништво кај Ромите, особено кај жените и младите“ поддржан од Шведската организација за развој We Effect и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Sida. Активностите се во рамки на IISEE проектот кој се фокусира на зголемен развој, приходи и вработувања за руралната популација, особено на Ромите, жените и младите на целните пазари. Очекуваниот импакт на проектот е: социо-економско зајакната Ромска, женска и млада популација во руралните и семи-урбаните средини.

Сподели: