Кандидатите за градоначалник го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори

Кандидатите за градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ и Николчо Илијев од СДСМ, денеска точно напладне во Мултикултурниот центар во Кочани го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори.

Кандидатите за градоначалник се обврзаа да ги почитуваат сите закони, правила и прописи кои се релевантни за изборите и почитување на владеење на правото при организирањето и спроведувањето на изборите, со цел зацврстување на фундаменталните вредности на демократијата и придонес во градење на довербата во изборниот процес. 

– Денеска го потпишавме Kодексот за однесување на следните локални избори кој ќе се оддржат на 17. Октомври оваа година. Со ова очекувам дека  на граѓаните на општина Кочани ќе им испратиме јасна порака дека за она што го заслужуваат и она што го очекуваат ќе го исполниме во целост, а тоа е дека преку фер и демократска кампања ќе ги спротиставиме проектите и идеите за решавање на проблемите на нашите сограѓани нешто што граѓаните го заслужуваат, а секако граѓаните го заслужуваат најдоброто за општина Кочани, рече Николчо Илиjев, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ.

– Со потпишувањето на Кодексот на фер и демократски избори се обврзуваме да водиме демократски и фер избори, кампања заснована на правото и законските нормативи и очекувам самата содржина која повикува на фер, коректна и квалитетна кампања и од политичкиот противник и од наша страна. Самата содржина на кодексот укажува дека поголемата одговорност е кај носителот на власта, од делот на влијанието врз вработените во институциите и претпријатијата основани од институциите и очекувам дека сето тоа ќе биде испочитувано и на крајот ќе имаме еден квалитетен изборен процес во кој подобриот ќе победи, истакна Љупчо Папазов, кандидат за градоналаник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно ждребката што претходно ја организираше Државната изборна комисија (ДИК), на гласачкото ливче ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” се под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ под број 12, колицијата ЛДП-ДОМ „Одлучно за промени“ под број 2, партијата „Левица“ број 15, и единствената независна советничка листа чиј носител е Венко Крстевски под број 116.

В понеделник, на 27 септември ќе се изврши и ждребување за определување на редоследот за истакнување изборни плакати без надомест, на организаторите на изборна кампања кои учествуваат на Локалните избори – 2021 година.

A. Арсов

Сподели: