Каранфили за жените возачи и пешаци по повод Денот на жената – 8 Март

По повод Денот на жената 8 Март, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Одделението за внатрешни работи – Кочани спроведоа празнична акција преку која на жените возачи им го честита денешниот празник.

Кај Автобуската станица полициски службеници ги запираа возилата управувани од жени, при што ученици од сообраќајната струка при СОУ „Гошо Викентиев“ им го честитаа празникот подарувајќи им симболичен подарок цвеќе каранфил.

– И оваа година Општина Кочани, во соработка со Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот се вклучува во акцијата за безбедно учество во сообраќајот. Пред се акцент ставаме на безбедното учество во сообраќајот, односно да земеме пример од припадничките на понежниот пол коишто важат како едни од посигурните учесници во сообраќајот на патиштата. Годинава во соработка со СОУ „Гошо Викентиев“ традиционално делиме каранифили на припадничките на понежниот пол, истакна Кирил Атанасов, секретар на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата .

Освен на жените возачи, во Трговскиот центар, учениците од „Гошо Викентиев“ и полицијата им го честитаа празникот и на жените пешаци во сообраќајот како загрозена категорија учесници во сообраќајот.

Според статистиката во сообраќајот, жените возачи се поодговорни, ретко возат во алкохолизирана состојба, не возат брзо и агресивно и повеќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: