Каратистите од Карате клубот „Кочани“ започнаа со тренинзи во новоопремените карате простории во зградата веднаш до наплатниот пункт на ЕВН – Македонија, a по повод 25 годишнината од формирањето на клубот.
Младите каратисти ги изучуваат карате вештините со долгогодишниот тренер каратистот, Игор Каров.
– Започнуваме со работа во новите простории. Децата овде ги имаат сите потребни услови за тренинг, сала, соблекувална и помошна просторија.Планираме да воведеме различни возрасни групи за тренинг. Добредојдени се сите од 6 години па нагоре. Тренинзите ги реализираме секојдневно од понеделник до петок, истакна Игор Каров, тренер во КК „Кочани“.
Каратистите веќе се подготвуваат за настап на Државното првенство во карате „Куп на Македонија“ што ќе се одржи на 31 август во Охрид.
Од КК „Кочани“ ги повикуваат сите кои сакаат да спортуваат, да се приклучат во клубот.
И. Матеничарски
Фото А. Арсов