Клубовите од ВМФЛ побараа финансиска помош од Владата

Клубовите од Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) – Исток и Запад, доставија предлог до Владата на Република Македонија и допис во кој бараат финансиска помош за наредниот период.

Спортот во Македонија е стопиран поради коронавирусот, а клубовите од ВМФЛ велат дека потребна им е финансиска помош, за да може да ја изгураат актуелната 2020 година.

„Фудбалските клубови се на аматерска основа и не остваруваме никакви приходи по ниту еден основ, единствен приход се донации, кои сега се поврзани со добивањето на ваучер и спонзорства, кои од воведувањето на ваучерите се нула. Во овој момент се соочуваме со ситуација да не може да ги реализираме ваучерите, ниту да добиеме спонзорства од компаниите, а трошоците останаа исти, се однесуваат на личен доход за многу малку лица и хонорари, како единствен начин за финансирање на фудбалерите и останатите лица ангажирани во клубот“, се вели во соопштението.

Меѓу потпишаните има 17 клуба, од вкупно 20 во второлигашката конкуренција. Сите десет клуба меѓу кои и ГФК „Осогово“ се потпишани од Втората лига – Исток, додека од Втората лига – Запад стојат печатите нa Пелистер, Скопје, Гостивар, Вардар Форино, Велазерими, Дрита и Кадино.

Досега во второлигашкиот шампионат се oдиграa по 16 кола. Лидер на Западот е Пелистер, пред Скопје и Лабуништа, додека на Истокот, Беласица е пред Брегалница и Тиквеш.

Сподели: