Љубителите на книги денеска во Кочани ја користат можноста да набават повеќе дела и книги издадени од книжевниот центар „Антолог“ , од подвижната книжарница поставена во Градскиот парк во Кочани.
Атрактивната книжарница која патува низ целата земја за да биде што поблиску до читателите нуди богат асортиман на домашна и преведена литература за сите возрасти. Овој нов концепт на продажба на книги како и во другите градови за прв пат е присутен денес во Кочани.

-Денеска со Книжарницата на тркала сме во Кочани. Решивме да ги посетиме кочанчани и да им ги направиме што повеќе достапни нашите најнови наслови. Можам да кажам дека интересот е голем. Имаме широк спектар на наслови почнувајки од трилери, крими мистерии кои се најбарани до романси и историски и драмски романи, истакна Елена Јошевска, претставник на книжевниот центар „Антолог“.
На овој начин книгите се поблиску до читателите, особено во оние места каде за жал бројот на книжарници и достапност на книгите е на многу ниско ниво.
„Би сакал да истакнам дека дел од книгите се всушност книги вклучени во проектот на Европската Унија „Креативна Европа“ и тука се исто така изложени и достапни за пошироката читателска публика. Драго ми е што Кочани е на нашата агенда и се надевам дека повторно ќе го посетиме овој град“, додаде Јошевска.
Подвижната книжарница во Кочани ќе биде поставена во Градскиот парк до 19 ч.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов