Територијалната противпожарна единица – Кочани денеска ја прими донацијата од осум уреди за комуникација – „токи-воки“ обезбедена од страна на кочанската компанија „Тонко-СР“.
Станува збор за радио станици од марката „Баофенг“ со телекомуникациски домет до 10 километри. Уредите ќе ги користат кочанските пожарникари за време на интервенции за меѓусебна комуникација и координација на терен.
– Денеска имаме прилика да ја примиме донацијата од компанијата „Тонко – СР“ составена од осум комуникациски уреди кои ќе ја олеснат комуникацијата на пожарникарите за време на интервенција на терен. Гестот на компанијата покажува една сериозна општествена одговорност, со надеж дека нивниот пример ќе го следат и другите локални стопански субјекти кои ќе помогнат во опремувањето на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Донацијата на комуникациските уреди ја врачи Александар Георгиевски, претставник на компанијата „Тонко – СР“ од Кочани лично на командирот на кочанските пожарникари, Благој Паунов и пожарникарите на смена.
Во наредниот период, Општина Кочани планира да набави професионални аналогни радио-станици за потребите на кочанските пожарникари.
Уредите ќе бидат со домет што ќе ги покриваат териториите на општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево. Поради тоа, во функција ќе биде ставен веќе постоечкиот предавател и фреквенции само за потребите на противпожарната единица на Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов