Во НУЦК „Бели мугри“ во Кочани денеска беше отворена првата самостојна изложба, видео инсталација на авторката Викторија Митева, насловена „Конструктивна мемориска свест“.
Викторија Митева дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2020 година, со насока сликарство, под менторство на проф. М-р Слободанка Стевческа и модул- конзервација и реставрација. Средното образование го завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски” во Скопје.
Учесник е на повеќе групни изложби, ликовни работилници и ликовни колонии. Со наградата која ја доделува Факултетот за ликовни уметности, насловена „Четирите мајстори на модернизмот”, во 2021 година во Галерија ФЛУ ја подготвува својата самостојна изложба.
– Ова е мој прв проект од областа на визуелните уметности. Се работи за видео инсталација насловена „Конструктивна мемориска свест“. Изложени се шест фотографии и три меки скулптури. Воедно, сакам да се заблагодарам на Центарот за култура „Бели мугри“ за соработката и ги поканувам сите сограѓани да ја посетат изложбата, истакна Викторија Митева , автор на изложбата.
Изложбата е во годишната програма на ЦК „Бели мугри“ финансирана од Министерство за култура.