Консултативна средба од процесот „Учи паметно, работи стручно“: Се усогласуваат образовните профили на училиштата со побарувачката од реалниот сектор

Денеска во Мултикултурниот центар во Кочани, Министерството за образование и наука, во рамките на процесот „Учи паметно, работи стручно“ одржа консултативна средба со претставници на локалните компании, средните училишта и локалните самоуправи од Кочани и Виница.

Во присуство на министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалниците на Кочани и на Виница, Николчо Илијев и Ивица Димитров се разговараше за потребата од идентификување и отворање на одредени профили и паралеки, во средните стручни училишта во градовите низ државата од идната година.

– Во изминатите две децении стопанството се соочува со недостиг од квалификувана работна сила, која ќе им помогне на компаниите да се борат со конкуренцијата од развиените земји. Едногласни сме дека овој проблем можеме сите заедно да го надминеме ако работиме заеднички и ако се потрудиме секој во својот дел да даде придонес во производство на кадри кои ќе одговорат на потребите на стопанството. Се надевам дека во претстојниот период ќе почнеме да оформуваме квалитетни стручни кадри кои побргу и полесно ќе доаѓаат до добро платени работни места – истакна градоначалникот Николчо Илијев.

Министерката Царовска рече дека заедно со Стопанската комора и со Швајцарската амбасада се работи на усогласување на понудените образовни профили што ги нудат училиштата со побарувачката од реалниот сектор.

– Од истражувањето што го подготвивме пред да започне караванот „Учи паметно, работи стручно“, се испитаа 450 компании, кои се нивните потребни профили и дали би ги отвориле вратите за дуално образование и феријална пракса. 85 % од компаниите кажаа дека би овозможиле учениците да доаѓаат во компаниите и директно да ја извршуваат праксата. На овој начин ќе се направи подобрување на квалитетот на образованието од една страна, и од друга страна ќе се подготви стручен кадар кој  ќе биде полесно вработлив и секако ќе ја знае и културата и динамиката на работа на компаниите. Со тоа компаниите нема понатаму да губат време во обука на веќе вработен кадар, туку тој ќе се подготвува во образовниот процес и дирекно ќе може да биде продуктивен во нивните компании. Конкурсот што ќе излезе во основните и во средните училишта треба да биде целосно прилагоден со потребите на пазарот на трудот и тие ученици понатаму да бидат стипендирани од страна на МОН – соопшти Царовска.

Градоначалникот на Виница Ивица Димитров изрази надеж дека во наредната учебна година ќе бидат отворени нови паралелки и профили во средните училишта во Кочани и Виница.

Фото: А. Арсов

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial