По повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 20-ти септември пред Црквата посветена на Пресвета Богородица во село Богородица општина Гевгелија, Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија ќе го одбележи Патрониот празник на населеното место, со организирање концертна вечер на чалгиска и традиционална музика.
На концертот на чалгиската и традиционална музика кој е закажан за 20:00ч ќе настапи оркестарот при Ансамблот за традиционална музика и игра (АТМИ) „Митко Алексов“ од Кочани и Тијана Јаневска (вокал) кои се единствени учесници.
Од кочанскиот ансамбл ги поканија сите љубители на чалгиската и традиционална музика да бидат дел од настанот во прекрасниот амбиент пред храмот во Гевгелија.
-Во оваа прилика сакаме да се заблагодариме на Општина Гевгелија и на Домот на културата „Македонија“ за поканата и тоа што го препознаа квалитетот на нашиот ансамбал. Исто така ги известуваме сите заинтересирани љубители на македонската чалгиска и традиционална музика дека концертот ќе може да го проследат во живо на фејсбук страницата на АТМИ „Митко Алексов“. Моментално работиме по сите протоколи.Концертите ги одржуваме само со чалгискиот и традиционалниот оркестар. Концертите се организираат по протоколи донесени од Министерството за здравство и култура за манифестации и фестивали-истакна Ристе Ѓорѓијев, уметнички директор на АТМИ „Митко Алексов“.
Настанот ќе биде збогатен со отворање на изложбата на 22 реплицирани фрески и икони од „Бигорскиот манастир“ по повод 1000 години од неговото опстојување, со почеток од 18:30 часот. Mанифестацијата ќе се одвива според протоколите, со што целосно ќе бидат запазени мерките за заштита и спречување на ширењето на КОВИД 19.
Домот на културата „Македонија“- Гевгелија во својата Програма на културни настани за 2020 година ќе запише уште една манифестација со прекрасен повод- чествување на Рождеството на Мајката Божја.