По повод Светскиот ден на пијаното, учениците и наставниците од ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани вечерва во големата сала на Мултикултурниот центар изведоа концерт на пијано како дел од програмата за одбележување на денот.
На концертот настапија 11 млади пијанисти од музичкото училиште од класите на наставниците во училиштето. Тие пред публиката изведоа низа музички дела од светски познати композитори.
– Денеска го славиме 88 ден од годината посветен на 88-те клавиши на пијаното.Тоа е инструмент на кој се уште се изведуваат безвременските дела на Бах, Моцарт, Бетовен и други, ден кога ги славиме нашите млади пијанисти, учениците кои го изучуваат пијаното во нашето училиште. Вечерва ќе слушнеме дел од нив кои ќе ни се претстават со познати дела. Ќе имаме можност да слушнеме и две четирирачни изведби на пијано. Тоа се учениците кои вчера на натпреварот по камерна музика во Кавадарци се закитија со две први награди. Јован Цветанов и Макарија Иванова и Јана Филипова и Ана Пејчева. На натпреварот добивме и уште една прва награда за оркестарот на традициски инструменти, истакна Марија Лазарова, директорка на кочанското основно музичко училиште.
По повод Светскиот ден на пијаното, учениците од ООМУ „Ристо Јуруков“ утре во Штип ќе гостуваат на одбележување на денот и ќе се претстават на концерт во организација на ДМЦУ „Сергеј Михајлов“ – Штип.
Ден на пијано или ден во чест на „кралот на музичките инструменти“ е настан кој се одржува еднаш годишно, 88-от ден во годината, затоа што тоа е бројот на клавишите на пијаното.
И. Матеничарски