Во ОУ „Малина Попиванова“ се одржа координативна средба во рамки на проектот на Еразмус + програмата за спречување на раното напуштање на основното образование на децата Роми на која присуствуваа претставници од партнерските основни училишта од Грција и Бугарија и невладината ромска организација „Авена“ од Кочани.
Проектот за спречување на раното напуштање на основното образование на децата Роми е партнерски проект во кој учествуваат училишта и невладини организации од Македонија, Бугарија и Грција.
-Проектот се состои од два дела, првиот дел е спремање на наставни материјали за часови, а вториот дел е подготовка на онлајн платформа со веќе готови проблематики и нивно решавање. Целта е да се превенира рано напуштање на образованието од страна на учениците Роми. Платформата ќе биде подготвена од страна на психолози и педагози, додека наставните материјали ќе бидат подготвени од страна на наставниците од нашето училиште и партнерски училишта од Грција и Бугарија, рече Сања Михаилова, наставник по Англиски јазик и координатор на проектот.
Претставниците од партенерските училишта од Грција и Бугарија ги истакнаа заложбите за реализација на проектот кој ќе биде од корист на сите вклучени страни.
-Среќени сме што ќе учествуваме во овој проект. Се радуваме на идејата да работиме заедно со училишта и невладини организации од Македонија и Бугарија со цел да се направи програма за спречување на раното напуштање на децата Роми од образованието. Цел на овој проект е да се направи нешто конкретно што ќе може да го тестираме и испратиме во другите училишта и до Министерствата за образование во државите со цел имплементација на заклучоците кои ќе произлезат од проектот, истакна Александрос Ладополус, координатор на проектот од Р. Грција.
-Наша цел како организација од Бугарија е соработка на невладини организации и училишта од трите држави преку која ќе се овозможи реализација на проектот за спречување на раното напуштање на децата Роми од училиште, рече Веселина Бонева, претставник од невладината организација „Европска мултикултурна асоцијација – Сливен“ од Бугарија.
Поради пандемијата со Ковид – 19 проектните активности се реализираат онлајн. Во соработка со сите вклучени партнери ќе се организираат дополнителни обуки и тренинзи согласно целите на проектите заради споделување на искуства и постигнување на посакуваните резултати.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов