Во СОУ „Љупчо Сантов“ денеска се одржа координативна средба во рамки на Еразмус + проектот, „Мојот вирутелен град“, на која присуствуваа претставници од Школскиот центар „Велење“ од Р. Словенија и од Здружението Центар за економски развој од Пазарџик, Р. Бугарија.
Проектот кој е финансиски подржан со средства од Еразмус + програмата има за основна цел зголемување на познавањата на наставниот кадар и учениците од Средните училишта од Велење, Кочани и Пазарџик за темите кои се од општествен интерес поврзани со функционирањето на градските заедници.
-Денеска сме домаќини на нашите партнерски училишта и организации од проектот „Мојот вирутелен град“. Целта на проектот е учениците со помош на искусните претставници од училиштата, од стручни лица, експерти и инженери од институции и партнерски организации од трите држави, да креираат вирутелен футуристички град, со сите содржини кои треба да ги има градот, меѓутоа користејки нови технологии и обновливи извори на енергија преку кои се заштитува животната средина, истакна Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“.
На координативната средба беа договрени завршните настани за дисеминација кои треба да се одржат во секоја од трите држави, а во кои е предвидено пред локалните претставници на образовните институции и надлежните авторитети од областа на образованието да бидат прикажани реализанираните активности и постигнатите проектни резултати.
-Многу сум среќен што нашиот проект е атрактивен и интересен за останатите. Воспоставивме добра врска и пријателски конекции со училиштето „Љупло Сантов“ пред пандемијата. За жал, откако започна пандемијата продолживме да ги реализираме нашите активности онлајн, истакна Миран Папеш од Школскиот центар „Велење“ од Р. Словенија.
Проектот кој продолжува по 12 месечен прекин поради пандемијата со Ковид 19 , практично влегува во неговата завршна фаза, во која по завршениот транснационален натпревар помеѓу тимовите на ученици од трите средни училишта, членовите на најдобрите тимови од секоја држава – составени од по три ученика, ќе престојуваат на настан во градот Велење во Република Словенија. Во рамките на овој настан избраните учениците како претставници на своите училишта и држави ќе изработуваат виртуелен модел на град во каков тие би сакале да живеат.
-„Мојот вирутелен град“ се реализира во три држави, С. Македонија, Бугарија и Словенија. Целта е да ја подигнеме информираноста во сферите како енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, комунални услуги, локална самоуправа, локална градска самоуправа и на крај сите тие теми да бидат предавани на учениците во средните училишта и со тоа да се направи еден вирутелен град, рече Георги Симеонов, од Здружението Центар за економски развој од Р. Бугарија.
Проектот е планирано да заврши до месец септември, со финалната проектна конференција која ќе се одржи во градот Пазарџик, Република Бугарија.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов