Корона егзибиции


Како што секуларноста на државата гарантира немешање на религијата, обратно, државата не може да го загрози уставното право на граѓаните да ја практикуваат својата вера. Не може државата да забранува одење во црква, џамија или на гробовите на ближните за задушница.

Конечно на врвот. После Бразил и САД, на трето место по бројот на дневнопозитивни на милион жители е Македонија. А јас лаик, нестручен во медицинска терминологија, основни познавања стекнати од пресовите на Филипче, нешто ко инспекторот во Преспав. Може некомпетентен за толкување на мерките за справување со пандемијата, но колку толку се уште при здрав разум, логички расудувам и некако гледам. Гледаат и граѓаните, но ова едноставно е за неверување.
Утринава видов известување во белградски Блиц со препораки доколку граѓаните на Србија патуваат за Грција да ја избегнуваат Македонија и да патуват преку Бугарија. Се изолиравме како пуст остров, но се уште благодарни на Владата ни на Северна за воздухот што го дишеме. Истата таа Влада која макар и техничка била, помпезно се справуваше со кризата. Иако партиите им дишеа во врат на носителите на политички функции кои самите ги поставија, сепак морам да кажам во почетокот изгледаше дека достоинствено се справуваат. Сите бевме исплашени додека ги голтавме статистиките, се потчинивме на мерките, колку и рестриктивни биле и општо земено јавното мислење беше наклонето кон поддршка.


Но дечкиве компас немаат. Дневно политикантство, де избори, де не. Кој на кого. Секој својот министер. За обичниот граѓанин усул да се немало. Слушам анализи за тоа дека приходите драстично ќе се намалеле во буџетот и оп уредбичка, ребаланс и нов уште погломазен. Задолжување, популизам, предизборен ли поткуп, неефикасна поддршка на бизнис секторот, се само не средства за медицинска опрема за справување со кризата. Ало дечки, тестови неможете да процесуирате. Доколку немате услови требаше одамна да се обезбедат. Може е тешко да се набават, може немаме доволно кадар, но затоа сте таму, да донесувате соодветни одлуки во вакви тешки времиња.
Додека го глорифициравте Филипче, заборавивте многу нешта. Сега кога не оди, мора да се бара виновник. Но, се е политички декор, а државниот, националниот и интересот на граѓаните никако не се вклопуваат. Лесно можете да припишете се на непослушните граѓани, колку ли се неодговорни, менталитетот ни е таков, Балкански. Само што и Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија и ете и Албанија се Балкан, но таму ситуацијата е поинаква. На црна листа не стави и Црна Гора, да не ти се верува.
Кај е проблемот?

Верзија Прва

Виновни се религиите и религиските водачи. Остајте што Велигден не го прославивме достоинствено, ама ете литијата во Струга била голем проблем. А уште не слушнав за некој заразен од таму. И за молитвите на Рамазан Бајрам се крена фама, искрено не верувам и таму дека се прошири вирусот. Добар дел од Џамиите молитвите ги реализираат надвор, со спроведување на одредени мерки за сигурност. Неумесниот Реис го погреба вирусот, но ете уште жив бил. Од сето она што можеме да го слушнеме и како неуки лаици да го толкуваме е дека вирусот најмногу се шири во затворен простор и дефинитивно на ифтарските вечери се има распространето. Но политичките елити од албанскиот кампус воопшто не се напрегнаа да се заложат доволно за убедување на граѓаните дека треба да се избегнуваат ваквите собирања. Пост фестум Османи сега е драматичен, а Зекири, според неговиот шеф си одел по ифтари, иако тој бргу си дематираше. Нормално, амбивалентноста е само за гласови, а не за здравјето на сограѓаните.
Вчера се прошири веста дека обвинителството во Велес покренува предистражна постапка против Митрополитот Агатангел за соопштение на Повардарската епархија. Додуша кога има полициски час Црквата не може ништо. Но, во делот од денот и во општините кај што може да се движат граѓаните, слободата на вероисповеста е загарантирана. И како што секуларноста на државата гарантира немешање на религијата, обратно, државата не може да го загрози уставното право на граѓаните да ја практикуваат својата вера. Не може државата да забранува одење во црква, џамија или на гробовите на ближните за задушница. Да, дури ниту во вакви услови… во никакви услови.

Верзија Втора
Чулев е виновен. Ова е смешно, ако не е ситуацијата трагична. Свесни сме за политиканствата на најголемите партии. Доколку не се спроведуваа рестриктивни мерки за истото во најмала рака е виновна Владата како колективно тело. Препукувањата во стилот мојот, твојот, само зборуваат за одговорноста на нашите политичари. Речиси и да ја нема.
Верзија Трета
Виновни се лажните вести и граѓаните што им веруваат. Замислете дури 10 % од граѓаните, според некои анкети верувале дека КОВ 19 е мит. Вчера го гледам главниот ни нивни епидемиолог кој се впушта во политички ламентации и објаснува како граѓаните верувале во теории на заговор. И тоа бил главниот проблем. Конспирациските теории не се само тука и со кое право ќе им забраните на граѓаните да размислуваат макар и грешеле. Вашата задача не е да барате изговори во некакви микро општествени групи, туку да се справувате со проблемите.

Верзија Четврта
Нешто утнавте со тестовите. Доколку на почетокот тезата беше дека идејата не е искоренување на вирусот, затоа што е невозможно, за да подоцна експертите епидемиолози од вашиот табор зборуваа дека две недели треба да имаме 0, денес не знаете главата кај ви е. Алгоритамот го држевте два месеци непроменет. Ама од СЗО бил препорачан. Ајде де. Два месеци со затворени граници стои прашање дали сте имале контакт со некој од странство. Се обидував да ве разберам на почеток, тешко се доаѓа до тестови на светскиот пазар, па некако бавно се процесуираа, резултати се чекаа и по цела недела. За политичарите од сите бои, резултатите беа готови истиот ден, да се разбереме. Но, наместо да носите уредби за дијаманти и не знам што, зошто не набавивте лабораториска опрема доколку недостасува и повеќе тестови. Многу болници заштитна опрема добиваа од донации, а една партија фино запакувани во предизборно руво дели маски. Па добро бре, во Штип ги видов, свесни ли сте дека вашиот градоначалник го омаловажувате, авторитетот на вашата власт го поткопувате. Зошто тие маски не ги делеше општината, црвен крст, владини агенции…

Верзија Петта
Неспособни се. Организациската поставеност на целата платформа за борба против вирусот е катастрофална. Внатре измешани партиски, дневно политички, етнополитички, бизнис и кој знае какви се не интереси. Се е важно, само граѓаните и државата не. Неспособни сте на два вола слама да поделите, како што велат во мојот крај. Две овци да ви дадат на пасење ќе ги изгубите. Или можеби ќе ги продадете и ќе кажете волкот ги изел. И епидемиолозите ги уфилмавте, ги исполитизиравте. Како молам, на гробишта, на отворено, со палење на свеќи кои од дома се носат ќе се заразите, а во преполните маркети поради доцна соопштените мерки нема. Конфекциите одамна се знае дека се темпирана бомба. Во Штип целиот град зборува дека во првично лоцираната конфекција како жариште вработените патувале со вработени од други, а вам ви требаа три-четири дена да ги затворите и тие конфекции. Во вакви услови тоа е многу време господа. Како Скопје експлодира со случаи, па ги испративте скопјани на викенд во внатрешноста? Не очекувавте?! Важно вирусот не се шири неконтролирано. Се си е по план….а план немаа.
Лошо ни се пишува. По се изгледа ќе си останеме пуст остров, изолирана државичка со својата епидемија и каприци. Но да не е се така црно. Еве може стихијно некако одиме кон Шветскиот модел па побргу ќе стекнеме колективен имунитет.

Господ нека ни е напомош!

Страшко Стојановски
Штип, 05. 06. 2020

Сподели: