Кочани викендов што претстои ќе биде домаќин на Државното првенство во борење за пионери/ки до 15 години и јуниори/ки до 20 години.
Организатор на Државното првенство е Боречката федерација на Република Македонија, во техничка организација на БК „Спартак“ – Кочани и на него ќе учествуваат боречки клубови и борачи од државата.
В сабота на програмата се дуелите од Државното првенство во борење слободен стил за јуниори/ки до 20 години. Право на настап ќе имаат борачи родени 2002, 2003 2004 година како и натпреварувачи родени 2005 година, со претходен специјалистички лекарски преглед. Учесници ќе се натпреваруваат во 10 категории со почеток од 11 ч.
В недела, се закажани дуелите во борење во слободен стил за пиoнери до 15 години. Право на настап ќе имаат борачите родени 2007, 2008 и 2009 година, распоредени во 11 натпреварувачи категории.
Државното првенство во борење ќе се одржи во спортската сала „Сашо Лазарев – Чапо“ во Кочани.
Боречкиот настан се организира по повеќегодишна пауза и е добра најава, Кочани во иднина почесто да биде дел од мапата на градови домаќини на Државни првенства во борење.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов