Кочани го доби првото новороденче во 2021

Првото новороденче во 2021 година во Кочани се роди утринава, на Акушерското одделение во Општата болница со проширена дејност. Тоа е синот на осумнаесетгодишната Фатиме Велиова, кој е и нејзина прва рожба.

– Првото новороденче во нашата болница се роди утрово по 4 часот, а породувањето на младата мајка помина без никакви проблеми. Се работи за здраво машко бебе со тежина од 3,3 килограми и должина од 51 сантиметар и во моментов и тоа и мајката се чувствуваат добро. Се надеваме дека годинава што ни претстои ќе биде побериќетна – изјави Фонзи Јуруков, раководител на Акушерското одделение во Кочани.

Од Болницата истакнаа дека во текот на 2020 година имало вкупно 150 породувања што е извесно зголемување во однос на претходната година.

– Поминавме тешка година поради состојбата со Ковид-19, но и покрај тоа успеавме да одговориме на предизвиците. Имавме одлична соработка и поддршка од Општина Кочани, како и од Министерството за здравство, при што правиме заеднички напори за подобрување на техничко-кадровските капацитети на нашата здравствена институција – соопшти Александар Серафимов, директор на Општата болница.

Вообичаената посета на првото новороденче од страна на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, се реализираше со почитување на протоколите за здравствена заштита, при што подароците наменети за мајката и новороденото Илијев им ги предаде на дежурните во Акушерското одделение.

– Денеска го добивме првото новороденче во Кочани, честитки до персоналот кој се грижеше и го изврши породувањето во најдобар ред, честитки до семејството, да биде живо, здраво и среќно и посакувам оваа година да продолжи во овој дух, да ја надминеме кризната состојба и да имаме што повеќе вакви убави моменти – посака градоначалникот Илијев.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial