Кочани домаќин на Државниот натпревар по роботика од First Lego лигата

СОУ „Гошо Викентиев“ и градот Кочани денеска се домаќини на државниот натпревар по роботика во рамки на First Lego лигата на Македонија. На натпреварот учествуваат седумдесетина натпреварувачи распоредени во седум екипи и петнаесет ментори од Кочани, Скопје и Тетово.

– Горди сме што по четири години ние повторно сме домаќини на овој натпревар, со оглед што целата идеја и кај нас да се организира национална First Lego лига почна од нашето училиште. Специфичните услови поради пандемијата имаа видливо влијание за намалување на бројот тимови кои се натпреваруваат, но сепак успеавме да го одржиме континуитетот. Овогодишната тема е „Карго конект“, односно решавање на предизвиците за иднината на транспортот на стока, преку креирање иновативни решенија за испорака на пакети и помош при катастрофи. Сето тоа е дел од проектните активности на ОН за одржлив развој, преку создавање одржлива инфраструктура. истакна Гордан Анастасов, претседател на македонската First Lego лига.

Учениците се натпреваруваат во четири категории и тоа, роботика, робо-дизајн, основни вредности, каде судиите го оценуваат тимскиот дух на тимот и нивните способности и четвртиот дел е иновативен проект, на тема „Карго конект“. Победникот на натпреварот по роботика ќе биде екипата со најдобар успех во сите четири категории, а најдобриот тим ќе ја претставува Македонија на меѓународното натпреварување што треба да се одржи во јуни годинава.

Државниот натпревар во Кочани се одржува во соработка со Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Академијата за роботика и иновации од Скопје, Ротари клубот Кочани – Виница и Општина Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: