Кочани домаќин на 33. Меѓународно мото-рели „Македонија независност“           

Над 400 моторџии денеска продефилираа низ кочанските улици во рамки на 33-тото Меѓународно мото – рели „Македонија независност“ што во организација на Мотоциклистичката федерација на Македонија се реализира  по повод 8 Септември, Денот на независноста.

Мото-релито тргна од Скопје и првата попатна пауза беше во Кочани, каде кочанскиот Мото-клуб „Желки“ традиционално на моторџиите им организираше пречек.

– Мото-клубот „Желки“ веќе петти пат по ред организира пауза при одржувањето на традиционалното Меѓународно мото-рели „Македонија независност“. Манифестацијата од осамостојојувањето на нашата држава до ден денес се организира без прекин. Ние како домаќини ги угостивме нашите колеги моторциклисти со храна, пијалоци и им овозможуваме да се одморат во Кочани и да го продолжат своето патување. Упатувам благодарност до сите спонзори на Мото – релито „Македонија независност“, меѓу кои „Руен Инокс Автомобиле“, „Тинг Инокс“, „Винчини“, „Ауто Велт“, „Шипад стил“ – Виница, истакна Момчило Хаџи Паунов, претседател на Мото-клубот „Желки“.

На мото релито учествуваат мото-клубови и моторџии од државата како и од други европски земји.

-Сега сме во Кочани, правиме кратка пауза, одиме Виница, Берово, Струмица каде имаме пауза и продолжуваме во Дојран каде имаме ноќевање и забава. Утредента продолжуваме Гевгелија и Тиквешијата со пауза во Кавадарци, потоа одиме Прилеп и Битола, Галичица и ноќевање во Охрид каде имаме забава и доделување на награди и признанија. Треттиот ден тргаме од Охрид за Скопје со попатни посети на градовите. Имаме над  400 моторцикли учесници на 33. Мото-рели „Македонија Независност“. Имаме гости од Шведска, Англија, Словенија како и регионот околу нас, рече Зоран Трајковски, претседател на Мотоциклистичката федерација на Македонија.

Мото-релито „Македонија независност“  е единствен спортски настан кој се одржува во континуитет точно 33 години. Низ годините се реализира низ различни форми во зависност од околностите. Неговата примарна цел е промоција на моторциклизмот како спорт.

И. Матеничарски

Сподели: