Кочани за Нова година ќе се украсува со употребувани украси, а предвидените средства од буџетот во износ од 400.000 денари се пренаменети за справување со Ковид-19 и опремување на Мултикултурниот центар.
Општинските служби веќе започнаа со предновогодишното украсување на градот, се со цел и покрај пандемијата Кочани да добие новогодишно руво.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев информираше дека со новиот ребаланс на општинскиот буџет, средствата за новогодишно украсување на градот се пренаменети за справување со коронакризата.
-Општина Кочани во буџетот за 2020 година имаше предвидено средства за украсување на градот. Со ребалансот на буџетот тие средства ги пренаменивме, што значи дека Општина Кочани нема да вложува во делот на украсувањето на градот за Новогодишните празници. Од вчера, веќе почнаа работите на украсувањето со реквизити кои ги имаме набавено минатите години и истите ќе бидат употребени и оваа година. Ќе се потрудиме градот Кочани во ова сивило со Ковид – 19 да блесне во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, рече градоначалникот Илијев.
Градоначалникот Илијев претходно, во изјава за Цивил информираше дека пренаментите средства ќе се потрошат за дезинфекција на установите во општината, обезбедување на заштитни маски и ракавици, а дел се донирани на Општата болница во Кочани.
Преостанатите средства ќе се искористат за капитални инвестиции во делот на културата, односно во реконструкција и опремување на Мултикултурниот центар во Кочани.
И. Матеничарски