Кочани ново жариште на Истокот со 76 активни случаи на заразени од КОВИД-19

Поразителни бројки од дневните извештаи на Министерстовото за здравство говорат дека состојбата со коронавирусот во Кочани излегува од контрола.

По вчерашните единаесет и денешните седумнаесет позитивни случаи на КОВИД-19, не сметајки го Скопје, Кочани е лидер на Истокот и  се најде на  шестото место  во државата , по Куманово (215), Тетово(134), Прилеп(119), Гостивар(94)  и  Струмица (77), по бројот на активни случаи или со вкупно 76 позитивни на КОВИД-19.

Вчера Кочани ја забележа и петтата жртва од коронавирусот, а од почетокот на пандемијата до сега во Кочани се забележани 220 случаи на коронавирус.

Неодговорното однесување на граѓаните со непочитување на превентивните мерки за заштита од болеста придонесе за драстично зголемување на бројката на дневно позитивни лица во општината.

Како прв човек на Општинскиот кризен штаб, градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев во изјава за интернет-порталот „Гласно“  уште еднаш апелираше граѓаните да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да се придржуваат до мерките за заштита од болеста.

– Планираме да свикаме седница на Општинскиот кризен штаб каде ќе ги повториме апелите и препораките од Министерството за здравство и Светската здравствена организација. Апелирам граѓаните максимално да ги почитуваат насоките и  упатствата на надлежните, за да се спречи ширењето на вирусот. Факт е дека состојбата загрижува со оглед на бројките кои секојденвно излегуваат. Во контакт сме со Центарот за јавно здравје Кочани од каде ни споделуват информации. Овие бројки се предупредување за тоа што следи, доколку не се придржуваме до препораките за заштита од болеста –изјави  Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Ситуацијата во Кочани загрижува особено што во претходните денови регистрирани се позитивни случаи на КОВИД-19 помеѓу медицински лица и вработени во воспитно образовни институции.

И.Матеничарски

Сподели: