Кочани – општина од средно ниво според антикорупциските перформанси во јавните набавки

На ранг-листата на остварувањето на антикорупциските перформанси во јавните набавки на единиците на локалната самоуправа, што по истражувањето и анализата ја објави Центарот за граѓански комуникации од Скопје,  Општина Кочани со 58 % се најде во групата општини на средно односно жолто ниво.

– Сметам  дека треба да бидеме задоволни од позицијата на Општина Кочани во ова рангирање, тоа е зона со можности за подобрување на перформансите, посебно ако се има предвид дека ниту една општина во државата нема остварување на антикорупциските перформанси над 80 %. Подготвени сме да го следиме списокот на индикатори за оценка на антикорупциските перформанси и во иднина да влеземе во зеленото ниво  – оценува градоначалникот Љупчо Папазов.

Процентот на реализацијата на планот за јавни набавки на Општина Кочани е 67, а процентот на измени на планот е 28. Кочани не е во групата општини со висока примена на е-аукцијата, којашто, како што стои во извештајот на Центарот за граѓански комуникации ги зголемува ризиците од корупција. Само пет општини во државата меѓу кои е и Кочани ги објавуваат известувањата за склучен договор во рок од 10 дена од денот на склучување на договорот. Секој службеник за јавни набавки во Општина Кочани е со положен испит, и во 2022 година, кога се вршени и истражувањата на Центарот за граѓански комуникации, спровел по 47 постапки за јавни набавки. Во 2022 година Општина Кочани склучила 86 договори со економски оператори, со вкупна вредност од 85.232.792 денари.

Центарот за граѓански комуникации развил инструмент за мерење на антикорупциските перформанси на институциите во јавните набавки со цел на мерлив и на одржлив начин да се проценува способноста на надлежните институции и да се спречува корупцијата при спроведувањето на јавните набавки. Мерењето е засновано на 32 индикатора што овозможуваат објективна проценка на институционалните и на оперативните капацитети на институциите во сите фази од јавните набавки: пред, за време на тендерската постапка и по нејзиното завршување. Истражувањето е реализирано со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

Сподели: