Кочани се сеќава на Тоше Проески

Со најголемите хитови на македонската поп икона Тоше Проески, Кочани денеска се сеќава и го одбележува 41 роденден на музичка мегаѕвезда.

На пригоден настан во организација на хуманитарецот Тоше Илиев, звуците од музиката на Проески денеска беа главен белег во Градскиот трговски центар.

– Годинава поради пандемијата со Ковид -19 не бев во можност да го организирам хуманитарниот концерт „По патеките на Тоше“. Сепак, одлучивме да го одбележиме роденденот на Тоше Проески на еден поинаков начин, со звуците од неговите најголеми хитови во Трговскиот центар. Со ова сакаме луѓето да уживаат во неговата музика, а воедно и да ги освежиме и оживееме спомените и да ја чуваме од незаборав нашата најголема ѕвезда, рече Тоше Илиев, организатор на настанот.

Хитовите „Игри без граници“, „Громови на душа“, „Ангел си ти“ и многу други денеска одекнуваа во центарот на Кочани и го привлекуваа вниманието на минувачите, во спомен и чест на прерано починатата музичка ѕвезда.

Годинава, по повод роденденот на Тоше, требаше да се организира јубилејниот 10-ти  хуманитарен концерт „По патеките на Тоше“, но поради пандемијата настанот изостана.

Организаторот Илиев истакна дека во зависност од ситуацијата со пандемијата и ако е се како што треба, јубилејниот концерт ќе се одржи напролет или евентуално во месец октомври, на денот на трагичната смрт на македонската поп икона.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: