На свеченост во дворот на гимназијата „Љупчо Сантов“, вработени, ученици и претставници на локалнта самоуправа оддадоа почит на херојот Љупчо Сантов, по повод 78 – годишнината од неговото загинување.
Годинава патрониот празник училиштето го одбележа на скромен и достоинствен начин, положувајки свежо цвеќе на спомен бистата на Љупчо Сантов во дворот на училиштето, како и со рецитали и музичка точка на ученици од кочанската гимназија.
– Денеска по 63 пат го празнуваме патрониот празник на нашето училиште „Љупчо Сантов“. Во изминативе дванаесет месеци инвестиравме во наставни средства и помагала. Го реновиравме поткровјето на училишната зграда, опремивме хемиски кабинет и воведовме две дуални паралелки. Меѓу двата патрони празници потпишавме меморандуми за соработка со компании од општината. Учениците учествуваат редовно на државни натпревари и постигнуваат одлични резултати. „Љупчо Сантов“ е единствено училиште во Македонија со најмногу Еразмус + проекти. Имавме размена на ученици и професори со различни училишта од Европа. Училиштето од статично го претворивме во динамично училиште, каде нашите ученици се запознаваат со други образовни системи, а нашите професори учат дигитални алатки и ги применуваат во наставата, истакна Игор Христов, директор на „Љупчо Сантов“.
Уметничкиот дел на настанот беше доверен на хорот и оркестарот на гимназијата „Љупчо Сантов“, а во рамки на одбележување на патрониот празник се одигра и натпревар во фудбал помеѓу учениците од гимназијата.
Во рамки на чествувањето на патрониот празник, делегација на Општина Кочани и Советот, претставници на Сојузот на борци, училиштата „Љупчо Сантов“ и „Раде Кратовче“ и членови на семејството на Кратовче положија свежо цвеќе пред споменик бистите на хероите Сантов и Кратовче во Паркот на револуцијата во Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов