Кочанскиот гигант „Руен Инокс Автомобиле“ одбележа јубилеј 70 години постоење

Кочанската компанија „Руен Инокс Автомобиле“ деновиве го прослави својот 70 – годишен јубилеј како компанија која е двигател на локалната економија во градот.

По тој повод во присуство на вработените, соработници и останати гости во кругот на фабриката се одржа свеченост на која беа доделени благодарници и признанија на вработените, а свое обраќање пред присутните имаа и првите луѓе на компанијата „Руен“.

– 70 години постоење не е воопшто мала работа. Но, денес, за да постоиш, мора да најдеш начин да опстоиш. Ние тоа го увидовме овде, на ова место, пред точно 8 години. Некогашната фабрика Руен, чии темели биле поставени во Кочани во далечната 1952 година, растела и се развивала околу 5 децении. Потоа, преземањето на кормилото на Руен од страна на странски инвеститор, постепено најавува еден надолен тренд во функционирањето. За жал следува период на деловен и економски крах, на изгубени зделки и клиенти и најлошо од сѐ, на многу изгубени работни места… Денес со крената глава, сите ние горди кочанчани, славиме трајни вредности, славиме јубилеј достоен за почит. Враќањето на „Руен“ на патеката на успехот, беше вистински предизвик за овој менаџерски тим, на чело со нашиот реформатор Славе Јорданов, кој со неговата визија, упорност и страст изгради партнерство со голем дел од вработените што во „Руен“ посветиле дел од своите животни приказни. „Руен Инокс Автомобиле“ стои рамо до рамо со современите производни мултинационални компании, кои држат чекор со најновите трендови. Денес, „Руен Инокс Автомобиле“ е гордост на Кочани и на Македонија, кој извезува низ 6 континенти во светот во повеќе од 50 земји! Ви благодарам на сите што дадовте свој личен придонес, но и на сите кои верувавте во нашата мисија, која ја преточивме во реалност – истакна Драган Јорданов, генерален директор на „Руен Инокс Автомобиле.

По повод јубилејот на реформаторот на денешен „Руен Инокс Автомобиле“, Славе Јорданов му беше доделено признание за Животно дело за неговата упорност, визија и мисија за враќање на компанијата на старите патеки.

– Денес, кога „Руен Инокс Автомобиле“ е достоен играч на светската  бизнис – мапа, и сериозен роботодавач дома, ни преостанува да ја шириме успешната приказна за да ја слушнат што повеќе амбициозни кадри, што повеќе млади професионалци кои имаат желба и знаење да изградат своја кариера овде, во својата земја, недалеку од своите семејства. Овде, каде тече еден целокупен процес, од нацрт на лист хартија – до финален производ, нудиме проактивна работна средина и поле за автентична себе – реализација, а не само сериски професионални профили, кои ја засенуваат креативноста на амбициозните.Затоа, дел од овој 70-годишен јубилеј го посветуваме токму на идните професионалци на „Руен“, на идните инженери, но и на идните средношколци кои се прашуваат каде би можеле да ја започнат својата кариера веднаш по завршувањето стручно образование – истакна Димитар Филипов, директор на производство во „Руен“.

Напредокот на „Руен Инокс Автомобиле“ се зголемува и издигнува од година во година. Основана е во 1952 година, додека во 2014 година со приватизацијата оди чекор нанапред со новото име. Денес деловната област на компанијата се состои од производство на делови за патнички автомобили, камиони, автобуси и трактори.

И. Матеничарски

Сподели: