Кочанските доброволни пожарникари спасија повреден орел на Пониква

Спасители во вистинска смисла на зборот – тоа се  пожарникарите од Доброволното противпожарно друштво – Кочани кои освен класичните интервенции за гасење на пожари, неретко интервенираат и во спасување на животни.

Таков беше случајот и вчеравечер кога по добиена пријава од граѓани за повредена и дезориентирана  птица на кров од викендица на Пониква пожарникарите интервенирале во нејзино спасување.

– На лице место веднаш се упатија 4 доброволци со едно возило и за брзо и безбедно време птицата беше транспортирана во ветеринарна амбуланта каде беше установено дека станува збор за Источноевропски царски орел кој се наоѓа на листата на загрозени птици во цела Европа. Најверојатно птицата е настрадана од пожарите на Осоговските Планини во близина на Пониква, истакнаа од ДПД-Кочани.

Птицата е соодветно згрижена и веќе е остварен контакт со еколошки здруженија специјализирани за ваков вид на птици кои ќе ја преземат птицата.

Од ДПД- Кочани упатија апел да не се пали оган на отворено, бидејќи покрај штетата што се нанесува на шумите се уништува и животинскиот свет.

И. Матеничарски

Сподели: