Кочанските пожарникари – доброволци освоија 6 –то место на Меѓународниот натпревар „Пожарникарски предизвици“ во Петроварадин, Р. Србија

Тим од Доброволното противпожарно друштво – Кочани го освоија 6 -тото место на Меѓународниот натпревар „Пожарникарски предизвици“ – Петроварадин, што во организација на Доброволното противпожарно друштво „Петроварадин“ денес се одржа во Петроварадин, Војводина,  Р. Србија.

Во конкуренција на 30 тимови и над 100 учесници од пожарникарски друштва од Балканот, кочанските доброволци покажаа солидни резултати успешно совладувајки четири полигони со најразлични пожарникарски предизвици.

– Тимот на Доброволното противпожарно друштво – Кочани го освои 6- тото место во конкуренција на 30 тимови од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија. Се натпреварувавме на четири полигони кои се состоеа од поставување на противпожарни црева и разделници, изградба на насип за вода за заштита од поплави, како и полигон со препреки и симулација на спасување на лице со користење на дрегер апарат, истакна Славко Митев, пожарникар – доброволец, дел од тимот на ДПД – Кочани.

Пожарникарскиот натпревар има за цел размена на искуства и идеи помеѓу доброволните пожарникарски друштва, подготвеност за делување во делкругот на својата работа и подигање на тимскиот дух што е водилка на доброволците – волонтери во друштвата.

Доброволното противпожарно друштво – Кочани за прв пат учествува на натпревар од ваков тип. Целта е во иднина сличен настан да се организира и во Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: