Кочанските пензионери го блокираа влезот на Кочани – побараа 5000 денари линеарно зголемување и минимална пензија од 20 илјади денари

Преку блокирање на јужниот влез на Кочани, кај т.н Монополски згради кочанските пензионери излегоа на повторен протест, овојпат помасовен и поригорозен преку кој ги повторија своите барања за линеарно зголемување на пензијата и воведување на минимална пензија.

На протестот прензионерите од Кочани истакнаа дека се незадоволни од игнорантскиот однос на властите за нивните барања поради што најавија и нов масовен протест во Скопје, како и продолжување на протестите и на локално ниво.

– Нашите барања се за зголемување на пензијата за 5000 денари линеарно за секој пензионер, безразлика на износот на пензија што го добива и минимална пензија од 20 илјади денари. Порачуваме на сите надлежни дека пензионерите нема да застанат, протестите продолжуваат и се омасовуваат и ќе се манифестираат со блокирање на главни сообаќајници низ градовите и Кочани со цел пензионерите да го добијат тоа што ги следува. Бараат средства за достоен живот, за трошоци и за квалитетно прехранување и лекување, истакна Лазо Димитров, претседател на Иницијативниот одбор на пензионерите од Кочани.

Моне Горгиев, потпретседател на Иницијативниот одбор на пензионерите од Кочани истакна дека поради игнорантскиот однос на властите во Македонија, на 7 ноември пензионерите од Македонија ќе протестираат пред седиштето на Европската Унија во Македонија како и пред пет странски амабасади во државата.

Од Иницијативниот одбор на пензионерите во Кочани истакнаа дека тоа што го прави Здружението на пензионери – Кочани на локално ниво е класично предавство на своето членство, бидејки немаат поддршка од нив. Побараа да го поддржат своето членство со обезбедување на превоз за најавениот пензионерски протест на 7 ноември.

Пензионерите го искажуваа својот револт поради намаленото покачување на пензиите од ветените 6,8% на 5,3%, сомневајќи се во начинот на усогласувањето, како и поради фактот дека најниските пензии пораснаа за помалку од 700 денари, а највисоките пензии пораснаа за над 3.500 денари, или пет пати повеќе.

И. Матеничарски

Сподели: