Кочанските пензионери на протест – бараат линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите

Во просториите на Здружението на пензионери – Кочани денеска се одржа протест на кочанските пензионери кои се незадоволни од најавеното процентуално септемвриско зголемување на пензиите од 6,8 отсто.

Кочанските пензионери побараа од властите, пензиите да се зголемат линеарно по 3500 денари, а не процентуално како што е најавено. Во Кочанскиот регион има околу 6300 пензионери од кои половината од нив зимаат ниски пензии под 15 илјади денари.

– Ние сме пензионери кои зимаме пензија од Државниот пензиски фонд, кој собира близу 17 милијарди денари. Се финансираме од двата приватни пензиски столба кои учествуваат со 5,5  милијарди денари.  Тие средства не стигнуваат за сите пензии. Барам зголемувањето да не е процентуално како што е најавено туку да биде линеарно, истакна Благој Беќарски, претставник на пензионерите од Кочани.

Пензионерите побараа воведување на минимална пензија и при зголемување на минималната плата линеарно да се зголемуваат и пензиите. Протести на незадоволни пензионери денеска се одржуваат во повеќе градови низ Македонија.

А. Арсов

Фото: Б. Соколов

Сподели: