Под мотото „Правда и право на достоинствен живот“ , кочанските пензионери утрово повторно, трет пат по ред излогоа на мирен протест преку кој го искажаа незадоволството и лошата состојба во која се наоѓаат. На протестот побараа линеарно зголемување на пензиите и воведување на минимална пензија во сооднос или приближно со минималната плата.
Пензионерите најпрвин се собраа на Летната сцена позади НУЦК „Бели Мугри“ за потоа преку протестен марш се упатија пред просториите на Фондот за здравствено и пензиско осигурување во Кочани.
– Бараме линеарно зголемување по 3500 денари за сите пензионери и минимална пензија еднаква на минимална плата. Ако одговорот на надлежните за нашите барања е дека нема пари, ние ќе ви кажеме, пари има! Ако се откажете од безброј непотребни трошоци кои се прават во власта и сите нејзини министерства и институции. Откажете се од покачувањата од 78% на платите на функциониерите, од вашите луксузни службени патувања, од луксузни садови во Владата, од јадење лешници, бадеми, од купување лубриканти, спортска опрема за играње кошарка и фудбал во канцелариите на функционерите, од парите за едукација на магариња, платежни картици и сл. Од наместени тендери и дневници како една минимална плата. Пари има, но се трошат нерационално, истакна Моне Ѓоргиев, од Иницијативниот одбор на пензионерите од Кочани.
Лошата состојба во која се наоѓаат пензионерите е причина што по трет пат кочанските пензопнери излегуваат на улица да ги побараат своите права на достоинствен живот.
– Протестот нема политичка позадина. На улица не изнесоа ниските пензии и загрозената егзистенција. Тие што препишуваат политика на протестите само сакаат да не разделат и да ја намалат нашата сила. Пензионерите сами по себе се огромна сила. Масовното присуство на протестот за правда и право на достоинствен живот е потврда дека сме доведени до дното на егзистенцијата. Немаме друг избор освен да се бориме да го добиеме тоа што ни припаѓа. Предолго чекавме и молчеме затоа денеска уште посилно го креваме својот глас за линеарно зголемување на пезнзиите од 3500 денари и определување минимална пензија од 18 до 20 илјади денари, истакна Лазо Димитров, од Иницијативниот одбор на пензионерите од Кочани.
Пензионерите реагираа дека со моменталната минимална пензија тие не можат да си ги задоволат основните потреби за храна, режиски трошоци, а пак за лекарства не ни станува збор. Во Кочанскиот регион има над 6.200 пензионери. Тие истакнаа дека линеарното покачување ќе биде поприфатливо затоа што повеќе од поливината пензионер зимаат пензија под 15 илјади денари.
Централниот протест на пензионерите од Македонија е закажан во Скопје, на 20 септември.
И. Матеничарски