Кочанските пожарникари во состојба на приправност за помош во Турција

Кочанските пожарникари се во состојба на приправност и доколку се јави потреба ќе  бидат мобилизирани за помош и поддршка во спасувачката мисија  по катастрофалниот земјотрес во Турција.

По барање на Дирекцијата за заштита и спасување кочанските пожарникари се ставени во состојба на приправност  и резерва.

– Контактирани сме од Дирекцијата за заштита и спасување во врска со човечките и материјално – технички капацитети за вклучување во спасувачката мисија по катастрофалниот земјотрес во Р. Турција. Во моментот сме во резерва и приправност на вториот и трет ешалон за поддршка.  Во коориднација со Општина Кочани и останатите надлежни служби и во согласност со можностите и барањата подготвени сме да одговориме, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Пожарникари од противпожарни единици од Македонија од денеска се упатени во критичните подрачја во Турција, а Дирекцијата за заштита и спасување и Армијата на Република Македонија со свои тимови од вчера се распоредени во критичните региони.

Црвениот крст на Република Македонија веднаш по земјотресот во Турција и Сирија отвори телефонска линија за донација на бројот 143 400 на Македонски Телеком и А1 на кој може да се донираат 100 денари преку повик или преку уплата на жиро сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија. По координација со Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина ќе биде дадена и дополнителна поддршка на населението во погодените региони.

Со оглед дека градот Кочани е збратимен со турскиот град Јенифоча, во областа Фоча во округот на Измир, Турција, се очекува локалната самоуправа да изнајде начин за поддршка во знак на солидарност со турскиот народ.

Сподели: