Кочанските пожарникари дежураат на пунктови за брза реакција поради сообраќајниот метеж во Кочани

Дежурни екипи на Територијалната противпожарна единица – Кочани од попладневно се распоредени на противпожарни интервентни пунктови на две локации во градот за да обезбедaт поголема ефикасност и побрзо интервенирање во случај на пожар или други потреби.

Поставувањето на дежурните пунктови се должи на зголемениот интензитет на сообраќајот во градската средина што претпразнично го зафати Кочани  и отежнатото движење на возилата низ кочанските сообраќајници.

– Поради зголемениот метеж во сообраќајот во градската средина и неможноста на противпожарните возила во случај на пожар навремено да стигнат до локацијата поставивме дежурни пунктови на две локации во Кочани. На локациите кај Градскиот плоштад и излезот на градот кај „Грозд“ интервентни возила и пожарникар се во приправност за брза реакција доколку се пријави пожар. Утрово имавме дојава за запалено патничко возило во центарот на Кочани и нашите екипи поради гужвата во сообраќајот  имаа потешкотии да стигнат до местото на настанот – истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Мобилните екипи се во состојба на приправност и работат во координација со дежурната екипа во Територијалната противпожарна единица – Кочани. Дежурните пунктови ќе останат се до расчистување на сообраќајниот метеж и ќе продолжат во наредните денови доколку има потреба за тоа, информираа од ТППЕ – Кочани

Поради зголемениот сообраќај на моторни возила на улиците во Кочани од утрово речиси сите крстосници во централното подрачје беа регулирани од страна на сообраќајната полиција.

И. Матеничарски

Сподели: