Кочанските пожарникари добија ново интервентно противпожарно возило

Во кругот на Територијалната противпожарна единица – Кочани денеска беше извршена промоција на новото теренско противпожарно возило што кочанската противпожарна служба го доби преку Дирекцијата за заштита и спасување.

Станува збор за интервентно  возило од марката „Санкјонг“ со целосна опрема за гасење на шумски и полски пожари и пожари на непристапен терен.

– Возилото е комплетно опремено со пумпа од 13,5 коњски сили, резервоар од 400 литри вода како и 20 литри пенило, со две млазници и црево – витло со должина од 50 метри. Возилото ќе биде од корист за полесно справување при интервенции на тешко пристапни терени и шумски и полски пожари – истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Возилото е со погон на четири тркала и дизел мотор, располага со кабина за пет лица и простор за опрема за интервенции.

– Со новото возило значително се подобрува возниот парк и квалитетот и брзината при интервенции на кочанските пожарникари. Ја користам приликата да се заблагодарам на Дирекцијата за заштита и спасување за донираното возило, истакна Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.

Од Територијалната противпожарна единица – Кочани упатија апел до земјоделците, по завршување на жетвата да не ги палат жетвените остатоци со цел да не предизвикаат пожар од поголем размер.

Фото: A. Арсов

Сподели: