Територијалната противпожарна едница – Кочани доби ново теренско интервентно возило, како донација од Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП.
Станува збор за последна генерација на возило од марката „Исузу“ од типот Д-макс, располага со кабина за пет лица, како и дополнителен простор за носивост од еден тон за сместување на опрема за интервенции. Возилото е со погон на четири тркала со дизел мотор што ги задоволува Еуро 6 стандардите.
-Новото возило е современо теренско возило, со сите перформанси и можности за брза интервенција. Возилото е донација од УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка за што ја користам приликата да им се заблагодарам. Како обврска на локалната самоуправа е да го опремиме со дополнителна противпожарна опрема во делот на резервоари и пумпа кои ќе се користат за интервенции, истакна Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.
Папазов најави дека согласно планот за јавни набавки за следната година предвидени се набавки за доопремување на ТППЕ – Кочани како и поддршка на локалната самоуправа на новоформираното Доброволно противпожарно друштво – Кочани.
– Возилото е специјално теренско противпожарно возило од марката „Исузу“, последна генерација и да се надеваме дека ќе биде од корист за планински и полски пожари, бидејки е помобилно и може да се движи по непристапни терени, рече Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Обезбедувањето на возилото е во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“ што се спроведува преку програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, а донацијата е во вредност од 1,8 милиони денари.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов