Територијалната противпожарна единица – Кочани и Доброволното противпожарно друштво – Кочани денеска се вклучија во координираната акција за гаснење на шумски пожари на подрачјето на општините Берово и Виница.

Шумскиот пожар што од вчера беснее во Берово, помеѓу селата Митрашинци и Будинарци се уште е активен каде гори нискостеблеста дабова шума. Во негово гаснење учествуваат едно возило со еден професионален пожарникар и четворица доброволци од ДПД – Кочани.

– По барање на локалната самоуправа на Берово денеска како помош во гаснењето на пожарот испртивме возило со пожарникар, а поддршка дадоа и шест доброволци од ДПД – Кочани. Во моментот на терен во Берово се четворица доброволци и еден пожарникар од ТППЕ – Кочани кои поради потребата од помош остануваат на терен – истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.
Поради пожар на нискостеблеста шума во месноста Скараничко , во близина на селото Блатец во Виница, по барање на Територијалната противпожарна единица – Виница како поддршка испратени се едно возило со двајца пожарникари и доброволци од ДПД – Кочани. Пожарот е ставен под контрола, односно ликвидиран при што тимот пожарникари е повлечен од терен.

Од Територијалната противпожарна единица – Кочани за интернет – порталот „Гласно“ информираат дека на територијата на општините Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево е мирно и нема активни шумски пожари. Единствено вчера е интервенирано во гасење на запалена трска во близина на с. Чешиново и помали интервенции на отворен простор.
Оттаму апелираат до граѓаните за внимателно и одговорно однесување заради превенција од шумски пожари. Се апелира на почитување на забраната за движење во шуми и забрана за палење на оган на отворен простор.
И. Матеничарски

