Кочанските пожарникари со 348 интервенции во 2020 година, најголем дел на отворен простор

Вкупно 348 интервенции имала Територијалната противпожарна единица од Кочани во текот на 2020 година, за гасење пожари и за технички интервенции, што е за 10 интервенции повеќе од 2019 година кога интервенирале 338 пати.

Најголем дел од интервенциите биле на отворен простор околу 70 проценти, додека останатите  се интервенции на опожарени објекти и технички интервенции.

-Изминатата 2020 година ТППЕ-Кочани имаше 348 интервенции, од кои 70 проценти беа на отворен простор, а останатите беа  на објекти и технички интервенции. Дополнителен ангажман имавме и со дезинфекција на јавните површини и јавните институции како и на колективните домувања. Продолжуваме и оваа година со дезинфекција и да се надеваме дека ќе имаме помалку работа, изјави Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица – Кочани.

Интервенциите биле на територијата на општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, со оглед што согласно Законот за пожарникарство, кочанските пожарникари имаат надлежност да го покријат и нивниот терен

Како што истакна Паунов во 2020 година  преку донација од Општина Крањ (Р. Словенија) единицата доби противпожарното возило со скала, што ќе служи за интервенции на висококатници. Планирано е годинава да се набави нова зимска опрема за пожарникарите како и други технички средства.

Во меѓувреме се разгледува идејата за формирање на доброволно противпожарно друштво за што веќе постои иницијатива, но ќе се разгледаат законските можности за формирање на истото.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: