Одделението за внатрешни работи – Кочани во соработка со Црвен крст – Кочани денеска ја реализираа првата крводарителска акција во календарската година наменета за вработените во кочанската полиција.
На акцијата која траеше од изутрина до напладне крв даруваа 18 лица, вработени во Полициската станица – Кочани.
– Крводарителската акција е прва, од трите планирани во 2024 година што се реализираат согласно годишниот план за крводарителски акции во Одделението за внатрешни работи – Кочани. Сакам да изразам благодарност до колегите кои преку крводарувањето изразуваат солидарност, хуманост и придонесуваат за задоволување на крвните потреби во државата. Воедно, акциите се можност покрај повеќекратните колеги – дарители, да се приклучат и помладите колеги и да даруваат крв. Приликата ја користам на сите крводарителки жени да им го честитам претстојниот празник 8 Март, бидејки тие се ретки и вредни за нас , истакна Сашка Стојанова, координатор за крводарителски акции во ОВР – Кочани.
Акцијата се спроведе со поддршка на екипа од Институтот за трансфузиона медицина – Скопје.
Црвен крст Кочани во соработка со Одделението за внатрешни работи Кочани во текот на годината спроведува три редовни крводарителски акции, во месеците март, јуни и ноемвири, наменети за вработените во кочанската полиција.