Кочанските полицајци ја покажаа својата хуманост, даруваа 26 крвни единици

Во Полициската станица – Кочани денеска се реализираше редовната крводарителска акција за вработените во Одделението за внатрешни работи – Кочани (ОВР – Кочани).

Во акцијата која траеше од изутрина до напладне крв даруваа 26 лица, вработени во Полициската станица – Кочани.

Кровдарителската акција е прва за оваа година, а до крајот на годината  планирано е да се спроведат уште две.

-Изразувам благодарност до сите  вработени во Одделението за внатрешни работи – Кочани кои денеска даруваа крв. Чинот на крводарување во овие моменти е хуман гест, а воедно ги повикувам колегите и во иднина масовно да учествуваат и да даруваат, изјави Сашка Стојанова, координатор за крводарителски акции во ОВР – Кочани

Акцијата се спроведе во соработка со Општинската организација на Црвен крст Кочани и екипа од Институтот за трансфузиона медицина – Штип.

Санде Спиров, полициски службеник  пред пензија, еден од повеќекратните крводарители во ПС – Кочани кој досега 65 пати дарувал крв  е  задоволен од заинтересираноста на помладите колеги да се вклучат и доброволно да даруваат крв.

-Со големо задоволство можам да истакнам дека голем број млади полициски службеници се заинтересирани за крводарителството и се активни крводарители.  Бројот на крводарувања во Полициската станица – Кочани  постојано се зголемува и тоа е добар знак и хуман гест. Денешната акција  е прва крводарителска акција годинава, а до крајот на календарската година планирано е да се спроведат уште две, истакна Санде Спиров, полициски службеник во ПС- Кочани.

Црвен крст Кочани во соработка со Одделението за внатрешни работи Кочани во текот на годината спроведува три редовни крводарителски акции, во месеците март, јуни и ноемвири, наменети за вработените во кочанската полиција.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: