Пламени јазици високи над еден метар е вечерашната слика од Кочанското поле, на потегот кон селото Грдовци, но и на територијата на Општина Чешиново – Облешево кај селото Уларци.
Неодговорноста на земјоделците денеска го достигна својот максимум, и покрај апелите на надлежните да не се палат стрништа . Очигледно свеста кај нив не преовладува со оглед на фактот дека ваквиот пожар може да предизвика последици од поголеми размери.
Екипи на Територијалната противпожарна единица од Кочани цело попладне се на терен, со крајни сили борејки се пожарот да го стават под контрола.
„ Најголем приоритет ни се суштинските објекти како бензинските пумпи покрај патот, пречистителната станица во селото Мојанци и магистралниот пат кај селото Уларци, каде постои опасност од формирање на димна завеса. Моментално на терен сме четири екипи со по два пожарникари и се бориме огнот да го ставиме под контрола“. – изјави за glasno.mk командирот на ТППЕ Кочани, Благојчо Паунов.
Проблем во гаснењето на огнот предизвикува и силниот ветар кој им создава дополнителни потешкотии на пожарникарите.
Сликата која ви ја пренесуваме директно од местото на настанот нека биде поттик за надлежните институции уште утре да ги пронајдат и казнат сторителите, за ова повеќе да не се повтори.
Дефинитивно вечерашни херои се храбрите пожарникари од ТППЕ Кочани кои несебично даваат се од себе за да ги заштитат граѓаните на Кочани.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов