Кочанчанец приведен во полициска акција за неовластено производство и продажба на дрога

Вчера (23.02.2021) од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во заедничка координирана акција со Одделот за сузбивање на организирани сериозен криминал, СВР Штип и ОВР Кочани биле лишени од слобода Д.Б.(41) од с.Другово, кичевско, Г.П.(31) од Скопје и А.А.(31) од Кочани, поради основано сомнение за нивна инволвираност во неовластено производство и продажба на дрога, при што се запленети над 6 килограми марихуана.

Имено, во почетокот на февруари 2021, во координација со Јавен обвинител од ОЈО Кочани е спроведена истрага поради сомнение дека во фабрика за производство на канабис за медицински цели во с.Уларци, кочанско се одгледува наркотична дрога марихуана со цел да биде продавана на илегалниот пазар, при што беа обезбедени материјални докази дека три лица вработени во правниот субјект се инволвирани во неовластено производство и продажба на марихуана.

На 23.02.2021 година во координирана акција во Кочани и во трговски центар во Скопје Д.Б. бил затекнат при продажба на шесте килограми дрога и бил лишен од слобода.  По претходно обезбедена наредба од Судија на претходна постапка од Основен суд Кочани, во присуство на Јавен обвинител од ОЈО Кочани и претставници од Комисија за оценување  на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели при Министерство за здравство, извршен е претрес во правниот субјект во с.Уларци, кочанско, при што се лишени од слобода и Г.П. и А.А.                                        

Во текот на истрагата  било утврдено дека Д.Б. заедно со Г.П. во периодот од ноември 2020 до февруари 2021 преземале низа дејствија со цел неовластено производство на марихуана во објектот со намера неовластено ја продадат и да се стекнат со противправна имотна корист, додека А.А., вработен како обезбедување во објектот, помогнал во извршување на кривичното дело на начин што преземал дејствија спротивни на законските норми за обезбедување на објекти за производство на марихуана за медицински цели согласно Законот за контрола на опојни дроги.

Од страна на СВР Штип-ОВР Кочани, поради постоење основи на сомневање дека Д.Б. и Г.П. го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по член 215 ст.1 од Кривичниот законик, а А.А. го сторил кривичното дело „помагање“, предвидено и казниво по чл.24, вв  чл.215 од Кривичниот законик ќе бидат поднесен кривични пријави до ОЈО Кочани.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial