Граѓанските активисти не го прифаќаат ставот на Министерството за животна средина Кочани да остане регионална депонија – протестите продолжуваат во исто темпо

Цврсто и недвосмислено стоиме на барањето да не се депонира отпад од соседните општини Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево на кочанската депонија е пораката што граѓаните на Кочани ја испратија на 11-тиот ден од протестот и барикадите на патот кај селото Бели.

Граѓаните со негодување ја прифатија изјавата на портпаролот на Министерствотвото за животна средина, Наим Вренези кој вчера во изјава за Телевизија 24 соопшти дека не е опција да се реактивираат веќе згаснатите депонии во околните општини.

– Мнозинството на нашиот одбор што го организира протестот се искажа дека не ја прифаќа одлуката што ни е дадена од заменик министерот за животна средина. Неприфатливо е нивното решение за депонирање на отпад од соседните општини, Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница. Тоа значи дека протестите продолжуваат во исто темпо. Имаме информации дека ќе имаме голема поддршка од Локалната самоуправа и Советот на Општина Кочани. Се надеваме дека поддршката ќе биде искажана деновиве, уште сега праќаме апел, до локалната самоуправа, до таткото на градот и советниците дека вие сте гласани од овој народ и треба цврсто да застанете позади овој народ. И ние со последни сили, до последен атом, доколку застанете позади нас и ние ќе ве поддржиме вас, соопшти Влатко Здравков, граѓански активист од Кочани.

Од Министерството за животна средина топката ја префрлија кај КЈП „Водовод“ и општинското раководство како одговорни за депонијата. Притоа сооопштија дека пожарите кои се случуваа во минатото не зависеле од количината на отпадот што се депонира, туку од несоодветното управување со локацијата.

–  Пожарите кои се случуваа во минатото не зависат од количината на отпадот, туку од несоодветното управување со локацијата. Обврската на трите општини, Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница да го носат отпадот на таа локација останува се до воспоставувањето на регионалната депонија, односно трансфер станиците, бидејки во овие општини исчистени се сите локации за отстранување на отпадот и нема да се дозволи отворање на нови загадени жаришта, соопшти Наим Вренези, портпарол на министерството.

До изнаоѓање на конечно решение за состојбата граѓаните на Кочани остануваат на барикадите. Притоа ќе се пропуштаат комуналните возила само на КЈП „Водовод“ – Кочани, додека за отпадот од Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево блокадата на патниот правец останува.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: